(Видео) Дански готвач се пробил во тајните служби на Северна Кореја

Данскиот готвач Улрих Ларсен успеал да се пробие во тајните служби на Северна Кореја и да му се доближи на самиот Ким Џонг-ун лично, пренесуваат светските медиуми.

Ларсен, кој е готвач во пензија, вели дека од љубопитство успеал да продре до самиот врв на тајната служба. Ни нему не му е јасно зошто се пуштил во ваквиот двоен шпионски живот на мисија во Северна Кореја.

Тој  со семејството живее во предградие на Копенхаген, а работел како готвач додека не заминал во привремена пензија.

„Не знам како се случи тоа. Јас сум сосема обичен човек“, вели Данецот, поради кој сега сите се на нозе, особено Обединетите нации.

Тој е главниот јунак во документарна серија на данска телевизија. Тој сосема обичен Данец не е лик каков би можел да се види на големите екрани во некој шпионски филм. Тој навистина успеал да ги открие плановите на тајните служби во Северна Кореја.

Документарниот филм „Кртот во Северна Кореја“ не ѝ е интересен само на телевизиската публиката. Покрај данската телевизија, истиот бил прикажан и на шведскиот канал SVT и британскиот Би-би-си.

Во документарниот филм може да се види како водството на Северна Кореја  се обидува на сите начини да ги заобиколи санкциите на Обединетите нации и се подготвува да испорача  дрога и оружје, за да заработи пари и да дојде до нафта.

За Ларсен шпионажата почнала сосема случајно. Тој стапил во друштвото на данското и севернокорејското пријателство откако ја видел данската комедија „Црвена капела“, од Мадс Бругер, кој го исмевал режимот во Пјонгјанг.

Станува збор за прилично чудна и досадна група, како што вели самиот Ларсен. Но и покрај тоа што бил повлечен, во тоа друштво тој брзо се искачувал во хиерархијата и се сретнал со претседателот на Меѓународното здружение за пријатели на Северна Кореја, Шпанец со племенско потекло, кој лично се залагал за интересите на Северна Кореја.

Од некоја причина, Ларсен станал негов доверлив соработник и преку него за првпат ја посетил Северна Кореја. Таму почнал да води таен живот за кој дури ни неговата жена не знаела ништо. За десет години, колку што траел неговиот шпионски живот, тој успеал да стане значајна личност на КФА, а преку севернокорејското Министерство за култура, почнал да им се приближи на лицата од самиот врв на земјата и нејзините тајни служби.

Најголемиот успех го достигнал кога со неговиот партнер „Мистер Џејмсон“ и наводниот скандинавски претприемач, поранешен припадник на Легијата на странци и наркодилер, почнал преговори со високите претставници на Северна Кореја за купување оружје и производство на наркотици.

Планот бил да изградат подземна фабрика за наркотици во Уганда. Во игра наводно бил и еден трговец со нафта од Јордан, кој бил подготвен да вложи милиони долари, но трговијата со нафта од Северна Кореја претставувала кршење на санкциите на Обединетите нации.

Колку и да звучи неверојатно, Севернокорејците лесно ја проголтале лагата на Ларсен, кој вели дека во тие моменти не му било сосема јасно во каква опасна игра се нашол.

„Нема сомнение дека на крајот некои луѓе беа бесни. Затоа што на некои луѓе им продавав неверојатни лаги“, вели Ларсен.

Данска и Шведска им наложиле на своите амбасади во Обединетите нации да го запознаат тамошниот врв со документарниот филм. Во него се гледа како Северна Кореја ги заобиколува санкциите и тоа треба да биде причина за загриженост на нивните влади.

Ова го изјавиле министерката за надворешни работи на Шведска, Ен Линде, и нејзиниот данскиот колега Јепе Кофод.

„Содржината на овој документарен филм ја земаме со сериозност, затоа што поставува низа  исклучителни проблематични прашања“, изјавиле тие.

За содржината на документарниот филм веќе се расправало и во Европската Унија, а данскиот готвач бил повикан во Обединетите нации да сведочи пред надлежно тело.

 

Scroll to Top