(Видео) ЦИА планирала да го киднапира или убие Асанж во Амбасдата на Еквадор во Лондон, Американците се плашеле да не им побегне во Русија

Во 2017 година била договарана хајка против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Тоа се случувало за време на мандатот на претседателот на Америка, Доналд Трамп, која ја предводел поранешниот директор на агенцијата ЦИА, Мајк Помпео.

Американската Централна известувачка агенција под власт на Трамп ја разгледувала опцијата за да го ликвидира или киднапира Џулијан Асанж поради објавените тајни документи.

Како што пренесува „Јаху њуз“, повикувајќи се на 30 поранешни американски официјални лица, објавувањето доверливи документи се сметало за најголем губиток на тајните во историјата на ЦИА поради што на маса биле разгледувани разни опции како да се замолчи Асанж.

Промени во Еквадор

Хајката против Асанж ја предводел Мајк Помпео, тогашниот директор на ЦИА, поради објавувањето серија документи, кои се квалифицирани како „Валут 7“.

Плановите за акцијата се интензивирале кога во Стејт департментот се појавиле сознанија дека Асанж може да избега од Амбасадата на Еквадор и да заврши во Русија.

Не било побарано испорачување – Обама го почитувал уставот

Интересно е дека Барак Обама, поранешниот претседател на САД, кому заменик тогаш му беше актуелниот претседател на САД, не побарал испорачување на Асанж од Велика Британија.

Министерството за правда на САД сметало дека барањето за испорачување се косело со Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на изразување.

Правниците сметале дека „Викиликс“ со објавувањето на документите, всушност, работи на информирање на јавноста. Со доаѓањето на Трамп во Белата куќа, случајот против Асанж повторно стана актуелен и против него е подигнато обвинение.

Поради тоа, се разгледувале повеќе опции, како неговото заминување во Русија да биде спречено, а една од нив била и пукање во гумите на авионот при полетување во случај да се качи на некој лет за Русија.

Азилот на Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон е повлечен во април 2019 година. До тогаш дошло до промена на власта во Евкадор и тој бргу ѝ беше предаден на британската полиција.

Во моментот Асанж се наоѓа во озлогласениот затвор „Белмарш“, каде што ја чека конечната одлука на судските власти за тоа дали ќе биде испорачан во САД, каде што го чекаат тешки обвинувања за шпионажа и објавување државни тајни.

Меѓу опциите што ЦИА ги разгледувала како да го замолчи Асанж се и сценарија од филмовите за Џејмс Бонд. Биле разгледувани опции за вооружен напад и пукање во Лондон, како и забивање на автомобилот во транспортно комбе.

Американските официјални лица дури и побарале дозвола и асистенција од своите британски колеги да учествуваат во операцијата.

Британските служби дури дале зелено светло за изведување на операциите. Плановите на ЦИА за ликвидација на Асанж се воделе паралелно со битката што Министерството за правда на САД ја водело за негово испорачување.

Гнев во Белата куќа

„Викиликс“ првпат го навлече бесот на американската влада во 2010 година кога објави повеќе од илјада страници тајни извештаи и документи, меѓу кои се наведуваат деталите за хакерските акции што ЦИА ги спроведувала.

Тогаш американските власти го обвинија Асанж дка дел од заговорите да се хакираат компјутерите на американската влада е и поранешниот воен известувач Челзи Менинг. Асанж потоа побарал засолниште во Амбасадата на Еквадор во Лондон во 2012 година.

Scroll to Top