Западот му објави дипломатска војна на Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп наложил денеска од САД да се избркаат 60 руски дипломати, како и да се затвори рускиот конзулат во Сиетл, поради труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипаљ во Британија.

Повикувајќи се на истакнати официјални лица од администрацијата на Трамп, АП пренесува дека меѓу нив се 12 шпиони за кои САД верува дека го користат дипломатскиот статус во руската мисија во Обединетите нации како параван.

Германија ќе протера четворица руски дипломати поради сомнение дека Москва е вмешана во случајот со труење на Скрипаљ, потврдило денеска германското Министерство за надворешни работи, пишува германскиот дневник „Зидојче цајтунг“.

Овој германски медиум, и претходно најавил дека Германија ќе избрка четворица руски дипломати, пренесува Ројтерс. Франција најавила дека и таа ќе протера четворица руски дипломати поради наводната улога во труењето на поранешниот двоен шпион.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјавил денеска дека 14 земји, членки на Европската унија одлучиле да се протераат руските дипломати. Меѓу земјите на ЕУ кои досега објавиле дека ќе ги протераат руските дипломати се и Полска, Германија, Литванија, Чешка, Летонија, Естонија и Франција. Одлуката да се протераат руските дипломати ја донеле и Украина и САД.

Списокот на земји кои ќе ги протераат руските дипломати го сочинуваат и Канада, која соопшти дека 4 лица ги означила како „известувачи кои го употребиле својот дипломатски статус за нарушување на канадската безбедност и демократија“, пренесува Ројтерс.

Scroll to Top