Зборувал за космосот и црните дупки, но една работа за Хокинг останала мистерија

Физичарот кој почина рано утрово на 76-годишна возраст, Стивен Хокинг, ќе остане запаметен по големиот придонес во светот на науката, но и на самото човештво.

Стивен Хокинг бил еден од најеминентните научници на светот, но една работа за него останала голема мистерија.

Кога во едно интервју го прашале за што најмногу мисли во последните денови од животот, Хокинг им одговорил – за жените!

„Тие ми се целосна мистерија“, изјавил физичарот.

Хокинг во рамките на прославата на својот 70. роденден на 8 јануари 2012 година дал интервју за магазинот New Scientist.

Тогаш проговорил за жените, но признал дека неговата најголема грешка е тоа што мислел дека информациите ги уништуваат црните дупки.

„Тоа беше мојата најголема грешка или барем најголемата грешка што ја имам направено во науката“, изјавил Хокинг.

На прашањето што би проучувал сега доколку е млад физичар и е на почетокот на својата кариера, тој одговорил: „Би имал нова идеја што би отворила сосема ново поглавје“.

Ова интервју стигнало една недела откако неговиот технички соработник Сем Блекбурн, одговорен за технологијата што на професорот му овозможила да комуницира, изјавил дека неговите фацијални мускули, кои го контролираат синтетизаторот на гласот, умираат и дека му е потребна нова технологија.

Брзината на Стивен да говори била сведена на само еден збор во минута, а на 70. роденден тој се прославил со говорот што го одржал во „Кембриџ“.

Стивен Хокинг бил оженет двапати. Првиот брак со Џејн Вајд траел речиси 30 години, а завршил поради притисокот од славата и неговата сѐ полоша здравствена состојба. Од овој брак има три деца, синовите Роберт и Тим и ќерката Луси.

Професорот втор пат се оженил во 1995 година со својата болничарка Елен Мејсон, поранешната сопруга на Дејвид Мејсон, кој му ја конструирал првата верзија на компјутер, кој на Хокинг му овозможил да говори.

Таа врска ја следеле шпекулации за наводното малтретирање, а полицијата во 2004 година, по медиумските наводи дека физичарот бил претепан и оставен во градината за време на најтоплиот ден во годината, повела истрага.

Хокинг медиумските наводи ги отфрлил како целосно неточни, а полицијата не пронашла доказ за наводното малтретирање.

Но, и тој брак завршил со развод во 2006 година.

Кога имал 22 години му била дијагностицирана ретка прогресивна болест амиотрофна латерална склероза.

Докторите му дале само неколку години живот, а тој им покажал дека не биле во право.

Стивен Хокинг почина денеска, среда, на 14 март, на 76-годишна возраст.

 

Scroll to Top