ПМГ рекордингс фестивал 7

Денескa, 7 јули, со почеток во 23 часот, во летниот клуб Сектор 909 ќе се одржи седмиот по ред ПМГ рекордингс фестивал 7 под мотото PMG tanz digital.

Фестивал кој 7 години по ред има тенденција во најблескаво можно светло да претстави дел од македонските музички автори кои имаат изданија во тековната година. Оваа година фестивалот е посветен на електронската музика и во фокус ги става рецентните најквалитетни изданија од овој музички жанр. На фестивалот ќе настапат Галатеја, Роботек, Видиновски, Нино Наумов и Мирко Попов.

Галатеја неодамна го издаде својот „groundbreaking“ деби албум Метропол, кој полека се извишува како светилник на автентичниот и современ женски израз на домашната сцена. Квалитет кој недостасуваше и инспирација за сите нас кои веруваме во напредок и подобар свет. Две песни од овој албум добија и свој автентичен видеозапис, песната „Метропол“ во режија на Георги Унковски и песната „Десет“ во режија на Бојан Кртолица (реализиран во рамки на овогодишното издание на Партисима Скопје).

Роботек е еден од првите автори кои ѝ дадоа лик и облик на македонската електронска сцена, човек кој од 1999 креира и издава сопствена музика и е сеприсутен со своите атрактивни диџеј сетови по скопските, македонските, но и клубовите надвор од земјата. Недостижен и незаменлив карактер, кој ќе влезе во книгите кои ќе се обидат да го доловат духот на нашево време.

Видиновски е автентичен скопски технопродукт од третата генерација. Редовно продуцира електронска музика и издава плочи на сопствениот и секако други реномирани светски лејблови. Неодамна и со завиден успех, го издаде албумот „Patterns Vidinovski“, кој го етаблираше во еден од најценетите и во рамките на сцената – признаени домашни автори.

Нино Наумов, со речиси дводецениско искуство, е еден од најстабилните и најпочитувани диџеи на локалната сцена. Последниве неколку години, долж очигледното подигање на квалитетот на неговата работа, тој е еден од најбукираните диџеи по скопските клубови. Степенот на доверба помеѓу него и неговата публика е на највисоко ниво во неговата кариера.

Вечерта, со свој диџеј сет традиционално ќе ја затвори Мирко Попов, 25 години професионално диџеј искуство, лице одговорно зад издавачката куќа ПМГ Рекординс, иницијатор и организатор на ПМГ рекордингс Фестивалот и бројни други музички настани, повеќе од 15 години поддржувач на македонската електронска и алтернативна музичка сцена. Оваа година како музички автор во рамки на музичките состави ПМГ Колектив и Кантон 6, Попов го издаде седмиот по ред студиски албум на ПМГ Колектив – Скопје, а во подготовка е и албум во живо на Кантон 6 (во соработка со Синиша Ефтимов), моментално најдобриот електронски денс колектив во земјава).

Scroll to Top