Вечерва, во 21 часот, во „Магаза“ во Битола, во рамките на „Битфест“, концерт на поп-класика ќе одржи „Трио џентлмен“. Триото го сочинуваат професионалните оперски пејачи: Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Дарко Нешовски – тенор.
По урнекот на светските поп-класични состави, тие се трудат овој жанр на пеење првпат да го презентираат и на нашите простори. Освен класичните композиции, тие ќе ги отпеат и најголемите светски поп-хитови изведени во класичен поп-манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и, секако, македонското творештво.
Триото постои околу две години и имаат настапувано низ целата земја со свои целовечерни концерт, како и на дел од големите манифестации во нашата држава, а и надвор. Во ноември 2015 година на балканскиот фестивал „Романсијада“, кој се одржа во Софија, Бугарија, го освоија првото место со награда за професионалност и оригиналност, а лани година настапија и на „Макфест“ .