Двајца Македонци викендов ќе трчаат на маратонот во Берлин

На 24 септември ќе се одржи 44. Берлински маратон, а оваа година ќе го трчаат двајца Македонци – Атанас Наумов и Николче Тасески. Овој маратон е еден од шесте најголеми во светот, заедно со Њујорк, Лондон, Бостон, Токио и Чикаго. Патеката со должина од 42.195 километри се трча низ целиот град, а учествуваат над 45.000 маратонци од над 130 земји. Некои од учесниците се професионални маратонци, но повеќето од нив се аматери и вљубеници во трчањето.

„Ова е мое прво учество на овој престижен маратон, а трет од шесте најголеми во светот. Веќе ги трчав маратонот во Њујорк во 2016 година и во Лондон оваа година. За овој маратон се подготвував повеќе од три месеци, тренирав речиси секој ден, со истрчани над 130 км неделно или во просек по 19 км дневно. Последниве две недели имав настинка, не бев во можност да тренирам со цел капацитет, но овие денови се чувствувам многу подобро и ќе атакувам на подобрување на мојот личен рекорд со надеж дека ќе го истрчам со време под три часа“, ни рече Наумов.

 

 

Наумов се надева дека ќе биде дел од историски маратон на кој ќе биде урнат светскиот рекорд, кој е поставен 2014 година.

„Организацијата на шесте маратони е на највисоко ниво, публика има буквално на секој чекор, луѓе што те поддржуваат постојано, музички бендови има на секои 3-4 км, па учеството на еден ваков маратон е незаборавно“, додава Атанас кој денеска заминува за Германија.

Scroll to Top