Пијанистката Ана Гацева на турнеја во Холандија

Пијанистката Ана Гацева е на турнеја во Холандија каде настапува на три реномирани концертни подиуми – во Диемен, Девентер и во Елде.

– Концертот во Диемен предизвика огромен интерес и извонредни реакции изјави Гацева. Критиката за нејзината изведба, меѓу другото, напиша „толку моќно, толку прекрасно… од екстремно експресивно до најспокојно“.

„Таа ни го одзема здивот со изведбите на Андреевска, Димушевски и Бакрнчев, носејќи ги со многу страст, сила и виртуозност. Не погали со врвната, мајсторска интерпретација на дела од Шуман, Дебиси, Равел (со пијанистот Марсел Вормс) и заврши со моќната изведба на Гинастера. Можеме само да посакаме повторно да ја чуеме нејзината изведба, напиша критиката по настапот на Гацева во салата In de Hoop. Викендов следуваат рецитали на Гацева во Девентер и Елде.

Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала пијано на ФМУ во Скопје како најдобар студент на генерацијата и на истиот Факултет магистрирала со признанието cum laude.

Паралелно, дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната музичка академија Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot стекнувајќи се со највисоката диплома за пијано-концертист. Во текот на својот престој во Париз, Гацева е ангажирана како соработник на Академијата и е стипендист на Академијата и на француската влада. Докторската дисертација по пијано интерпретација ја завршува на ФМУ, Скопје, под менторство на проф. Емеритус С. Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Димитрије Бужаровски од ФМУ Скопје. Авторка е на книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“.

Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на македонски композитори, кои таа активно ги промовира во земјата и надвор од неа. Гацева е добитник на високи државни и меѓународни награди, меѓу кои и на „Георги Божиков“ во 2012 година за најдобар музички изведувач, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

Scroll to Top