По 18 години, актерот Жарко Лаушевиќ е повторно во Скопје. Тој е специјален гостин на филмскиот фестивал „Киненова“, каде што ќе му биде доделено признанието за особен придонес во филмската уметност.
„Тоа животно дело веднаш ме исплаши. Ме натера да го посетам мојот кардиолог за да го прашам како сум, ама ми рече дека е сѐ во ред,“ рече Лаушевиќ.
Овој дипломиран актер со години беше оддалечен од филмскиот свет, но денеска повторно снима филмови, подготвува улоги за четири телевизиски серии, а активен е и во театарот.
„Човек не може да предвиди што ќе му се случува во животот. Пред 25 години некој да ми речеше дека за 10 години оттогаш, ќе местам паркети во Њујорк, ќе му одговорев – ама лажеш, нема шанса“.
Самокритичен е, па не сака да се гледа себеси на филмското платно. Помеѓу театарот и снимањето филмови, го избира театарот.
„Возбудата е секогаш поголема кога настапуваш пред публика бидејќи тоа е еден неповторлив чин кој останува во сеќавањата само на луѓето што биле сведоци на тоа,“ вели Жарко.
Досега има напишано две книги – „Година минува, денот никогаш“ и „Дневникот на една робија“, а третата е во фаза на подготовка. Трите се интимна исповед на времето поминато во затворот.
„Пишував пролетва и мислам дека имам нов материјал, но ќе ми треба малку повеќе време да ја завршам книгата поради снимањата. Се надевам дека ќе биде готова во текот на следната година“.
Андријана Јовановска