Апликација што предвидува сообраќајна несреќа

Стартап-компанијата „Дерк“ од Дубаи, чија цел е преку развивање вештачка интелигенција да го намали бројот на сообраќајни несреќи, собра 1,5 милион долари во текот на иницијалната рунда финансирања.

Со зголемување на бројот на вработени, планирано е да се отвори нова канцеларија во Детроит, а целта на самата компанија е развивање подобра технологија на комуникацијата помеѓу автомобилот и сообраќајната инфраструктура, со што би се намалиле автомобилските несреќи.

Компанијата сака да ги интегрира своите производи во постојните, но и да создаде нови системи на комуникација помеѓу возилата во сообраќајот и возилата и сообраќајната инфраструктура. Поедноставно кажано, „Дерк“ развива апликација што би била еден вид медијатор помеѓу комуникациските системи, а со помош на вештачката интелигенција, треба да ја предвиди веројатноста за сообраќајна несреќа. Кога системот ќе ја уочи можноста за несреќа, испраќа известување до возачот дека можеби е во потенцијална опасност. Секако, системите ќе имаат најмногу смисла кога ќе се популаризираат автономните автомобили.

Проектот бил создаден на Институтот за технологија во Масачусетс, каде што основачот на „Дерк“, Џорџес Аоуде, одбранил докторска теза од подрачјето на воздухопловството во 2011 година. Компанијата во Дубаи овој месец со локалните власти договорила тестирање на својот систем на патиштата. Со тоа, компанијата ќе може да ги тестира своите системи, па ќе добие податоци што ќе може да ги искористи за понатамошно подобрување.

 

„Дубаи е предводник во усвојувањето нови технологии што се фокусираат на зголемување на безбедноста во сообраќајот и започнување автономни системи. Чест ни е да работиме со урбанистичката управа на Дуаби и управата за патишта и транспорт. Иако нашето седиште е во Дубаи, сакаме да отвориме втора канцеларија во Детроит. Детроит е епицентарот на иновациите во областа на мобилноста“, изјави Аоуде.

Scroll to Top