Претседателот на Русија, Владимир Путин, и на 65 години изгледа одлично, а освен што спортува, се храни здраво и внимава на своето тело. Списанието „Раша бијонд“ неодамна откри што се наоѓа на менито на Путин, но и дека омилено јадење му е пита од потпечени кори со зелка, месо или ориз, како што ја подготвувала мајка му.
За појадок Путин јаде каша, творог (младо сирење) со мед и пие живи јајца од препелица. Тој сака да пие сок од рен и од цвекло, да јаде ориз и хељда, но не и овесна каша.
„Сакам зеленчук: домати, краставици, зелена салата. Помеѓу месо и риба избирам риба, но сакам и јагнешко месо. Не сакам благо, освен сладолед. Никогаш не вечерам, немам време за тоа“, рекол тој во интервјуто.
Кога патува јаде локални специјалитети. Кога е во Москва честопати е гостин во ресторанот „Подворје“, кој пред неколку години на менито го стави специјалитетот „Ручек со Владимир Путин“, кој вклучува микс од омилените јадења на Путин: говедски јазик, колбаси, ќофтиња, свинско месо и чаден џигер со лимон и путер.
Претседателот на Русија е голем љубител на вината, а преферира црвени шпански вина. По секој оброк сака да испие чашка водка или коњак.
Според неговиот поранешен готвач, тој понекогаш сака да се потсети на детството и на храната што ја готвела мајка му, па бара да му се зготви пита од потпечени кори со зелка, месо или ориз.