Специјалната јавна обвинителка Ленче Ристоска е за легализација на марихуаната, но под најстрога законска контрола. Ова го истакна на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на научната расправа „Легализација на канабисот, да или не?“
Обвинителката Ристоска посочи дека во Македонија канабисот се смета за опојна дрога од прва категорија и е строго забранет, но исто така истакна дека таа е за негова легализација во строга законска процедура.
„Државата би требало да го декриминализира канабисот, но треба 100 пати повеќе од сега да врши контрола на опојните дроги“, рече Ристоска.
Обвинителката потсети дека Македонија е потписник на низа конвенции кои ја обврзуваат да прави строги контроли на опојните дроги, како што е Единствената конвенција за наркотични дроги.