Дуа Липа: „Посакувам концерт во Скопје, ми се допаѓаат луѓето и градот“

Една од најпопуларните пејачки во светот, Дуа Липа, пред новогодишните празници даде ексклузивно интервју за порталот Популарно.мк. Таа во интервјуто раскажува за нејзината најуспешна година во кариерата, за детството поминато на Косово и открива дали ќе има концерт во Скопје.

Фановите на пејачката во Македонија имаа можност да ѝ постават и самите прашања, а најчестото било: дали и кога ќе дојде во Македонија.

„Толку блиску, а толку далеку! Сум била во Скопје во времето кога живеев во Приштина и многу ми се допаѓаат градот и луѓето. Сакам да настапувам во Косово и во соседните земји, тоа е регионот од каде припаѓам, ме влечат корените и секогаш со голема трема се подготвувам за тие настани. Знам дека и во Македонија имам голем број обожаватели, па можеби во 2018 ќе дојдам да ве видам!“, вели пејачката. 

22-годишната пејачка на почетокот на минатата година го промовираше својот прв албум „Дуа Липа“, каде што соработува со Шон Пол, Мигел и Мартин Гарикс.

„Откако паметам за себе, уживав во музиката. Дали беше обично чукање на кујнските садови или свирење на старото пијано кое го имавме дома, секој звук знаев да го претворам во музика. На 14 години почнав да пеам и моите преработки на поп-хитовите ги прикачував на „Јутјуб“, па собрав голем број следбеници на мојот канал. Тогаш знаев дека музиката ќе биде мојата животна патека“, вели Дуа во интервјуто.

Родена е во Лондон, но голем дел од животот го минала на Косово, од каде потекнува нејзиното семејство.

„Моето семејство потекнува од Косово, земја која е културно многу слична, но во истовреме и многу различна од Англија, местото каде пораснав. Во Приштина имав повеќе слобода, оти тоа беше, според моите родители, побезбедно место за живеење, па така добив храброст сама да одлучам со што ќе продолжам во животот. Тоа можеби и беше пресуден чекор за повторно да се вратам во Лондон и да почнам да студирам, а во истовреме и да работам на мојата музичка кариера“, раскажува пејачката која во Лондон дипломирала со највисоки оценки во областа на политиката, психологијата и медиумите.

Почетокот на 2017 година ја одбележа соработката со Мартин Гарикс и хитот Scared To Be Lonely.

„Бев исплашена. Бев исплашена од реакцијата на јавноста, од името Дуа Липа, од мојот глас, но во истовреме бев во шок од соработката со Мартин Гарикс, големо име во електронската музика. Сега кога гледам само можам да кажам дека сум била навистина глупава. Претпазливо глупава“, додава Липа.

Нејзин најголем хит минатата година беше New Rules, кој се продададе преку 500.000 копии и заврши на прво место во листата на најслушани песни на „Билборд“.

„Сите го објавуваа и препраќаа спотот на своите пријатели и јас си велев – што се случува? Гледаноста растеше во секунда. Како спотот да беше на ракетно гориво и леташе собирајќи лајкови и гледаност!“, вели Липа.

Новата година ќе ја започне со нови правила.

„За празниците имам нови правила кои ќе ги почитувам во новата година: 1. Фрли го календарот и не ги брои деновите 2. Раскини со момчето, ќе имаш еден подарок помалку за купување 3. Сакај го Гринч и заедно украдете ја празничната радост“, вели Дуа Липа.

 

 

 

Scroll to Top