Традиционалниот Вевчански карневал ќе се одржува од 12 до 14 јануари. На карневалот во Вевчани ќе настапат групата „Фолтин“, Кирил Џајковски, „Џамбо Анѓушев оркестар“ и фолк-пејачката Блага Петреска.
„Дефилето на маските ќе започне на 13 јануари во 13 часот, а карневалот ќе заврши следниот ден во попладневните часови со палењето на маските. Вевчанскиот карневал сам по себе е уникатен и единствен. Учесниците во карневалот ја имаат сета слобода низ креативноста и импровизацијата да ги изразат чувствата за критика и иронизирање на општествените процеси во изминатата година. Со акумулираната енергија која кулминира во деновите на дочекот на новата година по стариот календар, Вевчани станува театар на отворено и неформален центар на сатирата“, рече градоначалникот на Вевачни, Сашо Јанковски, на денешната прес-конференција во ресторанот „Пелистер“.
Се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој рече дека карневалот е одлична можност за децентрализација на културата и промоција на културниот туризам на земјата.
Професорот Симон Лешоски рече дека Вевчани е приказна сам по себе благодарение на овој културен настан.
,,Вевчани не е ниту село, ниту град, ниту република, туку Вевчани е пред сѐ приказна којашто ја прави токму Вевчанскиот Карневал. Ретко доаѓа до инциденти, иако Вевчани за време на карневалот го посетуваат приближно 10.000 посетители. Тој е еден тотален театар во кој Вевчанците, но и тие кои се непосредно присутни таму можат да ја почувствуваат тоталната слобода. Досега ниедна маска не се повторила, а со нив се посочуваат општествените проблеми, но се нудат и решенија“
Љ.В.