Македонската ракометна репрезентација во првиот меч, во втората фаза на Европското првенство во Хрватска, доживеа катастрофален пораз од Шпанија 20:31 (6:15). Ова е прв пораз за Македонија на ова ЕУРО. Покрај лошата игра во двата правци, стручниот штаб го загрижи и повредата на капитенот Кирил Лазаров, кој поради болките во „задната ложа“ излезе од игра во 12.минута и повеќе не се врати на теренот.
Македонија, во Вараждин, го одигра најлошиот меч на првенство, во кој единствени на ниво беа голманите Ристовски и Митревски кои заедно имаа 17 интервенции. Ристовски во првите 20 минути со своите одбрани ја држеше разликата на пет гола, а Митревски во второто полувреме не дозволи на Македонија да и се случи катастрифа.
„Паднавме во првите петнаесет минути од мечот. Овој меч планирам да го заборавам. Беше катастрофа. За Лазаров не знам колкава е повредата. Тој не можеше да игра до крај, а ни беше многу важен. Сега имаме голем проблем. За понатаму ќе видиме“, изјави по мечот тренерот на македонската репрезентација Раул Гонзалес.
Дека на Македонија не и се пишува добро покажа старто на мечот. Шпанија постигна три гола, а нашите играчи првиот гол го постигнаа во постигнаа во седмата минута кога Лазаров реализираше седмерец, додек првиот гол од игра избраниците на Раул Гонзалес го постигнаа дури по 14 минути игра, кога Манасков намали на 7:3.
Поради повреда капитенот Кире Лазаров во 11. минута го заврши натпреварот против Шпанија, неизвесно е дали ќе може да ѝ помогне на репрезентацијата и во последните два натпревари.
Капитенот со тешко движење и гримаси на лицето го напушти теренот во 11. минута. Најверојатно утре по деталните тестови ќе се знае тежината на повредата.
„Се виде дека клучен момент беше повредата на Кире Лазаров. Тој беше лидер во нашиот тим. Лошото отворање и пехот кој ни се случи со капитенот беа клучот за вечерашниот пораз. Што и да направевме се беше залудно. Имавме многу продадени топки. Резултатот беше само формалност. Не го покажавме најдоброто од нас. Не ги испочитувавме советите кои ни ги даде тренерот Раул. Имаме шанси за понатаму, но треба да покажеме одлична игра и победа во следните два меча“, изјави по мечот Филип Талевски.
Во второто полувреме Раул Гонзалес им даде шанса на помладите играчи, Митревски блескаше на голот, но на споритвнта страна речиси несовладлив беше Де Варгас.
Шпанија во 46.минута стекна довцифрена предност (13:23), а највисоката разлика од 13 гола „црвената фурија“ ја имаше во 50.минута (14:27).
На крајот Перез Де Варгас имаше 18 интервенции, што на Шпанија и отвори можност за постигнување на лесни голови. Шпанија реализира 12 контранапади, додека Македонија не постигна ниту еден гол.
Гурбиндо напаѓачки ја предводеше Шпанија со шест гола, додека кај Македонија најефикасен беше Манасков со четири гола, три од нив од со реализација на седмерци.
„Шпанците одиграа еден натпревар со кој ја лимитираа нашата игра. Знаеја точно што играат. Го искористија нашето неискуство и ги реализираа шансите. Одиграа одлично во одбраната, како од учебниците. Мораме многу да научиме од овој натпревар. Сите малку се занесовме дека имаме кој знае какви шанси. Но реалноста не спушти на земја. Ова е натпревар кој треба да ни послужи како лекција. Тоа е цената кога имаме млади играчи во репрезентација. Ова е школо за нив. Но, сите треба да ја дигнеме главата горе“, изјави после мечот, голманот на македонската репрезентација Борко Ристoвски.
Македонија по овој пораз остана на три бода во Групата 2, каде на првите три позиции се Данска со 6, односно Шпанија и Германија со 4 бода, а зад Македонија се Чешка со два и Словенија со еден бод.
Наредниот меч Македонија го игра на 23 јануари против Чешка (20:30 часот).