Пееше на секоја маса, а на дамите им бакнуваше рака

Вчера поп-ѕвездата Тоше Проески требаше да наполни 37 години. Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии, статуси, сеќавања за него. Сепак, она што го раскажа Коки Јанков, од некогашното дуо „Дуле и Коки“, а денес „Тајфата“, сепак, ги собра симпатиите на социјалните мрежи и уште повеќе го оживеа споменот за Тоше.

„Во ресторанот ‘Балканика’ имаше резервација на име Тоше, спомнаа од персоналот дека тој ќе дојде да прослави роденден. Направивме убава маса за 10-12 луѓе, а го пречекавме и со шампањ од куќата. Дотогаш кој сè не беше дошол во тој ресторан, познати од секаде, музички ѕвезди од поранешните ју-простори, глумци, амбасадори… Ама вакво нешто никогаш се немаше случено“, вели Коки Јанков. „Тоше стана. Ресторанот полн, ја викна музиката да оди по него. Рече ‘денес ми е роденден, сакам секому да му испеам некоја песна’. Одеше од маса на маса и пееше по една-две песни за секого, а на секоја дама ѝ се поклонувше и ѝ бакнуваше рака. Ова беше еден од неговите последни родендени. Јас дотогаш вакво нешто немав видено ниту, пак, се случило“, додава Коки од „Тајфата“.

(А.Г.)

 

 

Scroll to Top