Ракометниот репрезентативец Поповски се дружеше со Златан Ибрахимовиќ во Штип

Ракометарот на „Вардар“ Мартин Поповски вчера во кафуле во Штип го запозна фудбалерот Златан Ибрахимовиќ

„Не ни очекував дека може да го сретнам Ибрахимовиќ во штипско кафуле. Влезе во кафулето сам, седна, си порача кафе. На почетокот не ни забележавме дека е тој, само ние бевме во кафулето“, вели Мартин за „Репортер“.

Кога сфатиле дека спроти нив седи фудбалерот на Манчестер Јунајтед го прашале дали може да се сликаат со него.

„Рече ‘нема проблем’ и кога го прашавме зошто е во Штип, ни кажа дека е дојден на одмор“, додаде Поповски.

Тој вели дека откако ја објавил фотографијата на „Инстаграм“ добил многу пораки и телефонски јавувања од луѓе што го прашале каде е направена фотографијата и кои рекле дека веднаш ќе тргнат кон Штип.

Популарниот шведски фудбалер со босанско потекло деновиве е фотографиран во неколку ресторани во градот, а луѓето што го сретнале велат дека е дојден со еден од своите синови и неколку пријатели, не одбил да се фотографира со никого, но и дека низ смеа на сите им велел дека неговиот престој во Штип требало да биде тајна.

(А.Ј)

Scroll to Top