Легендарниот гитарист Влатко Стефановски на 17 март ќе одржи концерт во Македонската филхармонија, каде што ќе го промовира новиот албум „Мајчин јазик“. Албумот лани го издаде „Кроација рекордс“ од Загреб. Гости на концертот се етносоставот „Љубојна“ и Билја Крстиќ, а концертот го организира „Баги комуникации“. Ова го соопшти на вчерашната прес-конференција во Скопје кога дојде со синот Јан и со ќерката Ана. За жал, недостигаше сопругата Гордана, која ја изгуби пред три месеци. Таа почина по долго боледување, а Влатко со неа беше во брак 35 години. Освен загубата на сопругата, и неговиот син Јан дожива тешка сообраќајна несреќа. Гитаристот се соочувал со тежок период.
„Изминатиов период ми беше многу тежок. Пред една и пол година син ми доживеа сообраќајна несреќа и се повреди многу страшно. За жал, пред три месеци почина мојата сакана и драга сопруга, со која поминав триесет и пет години“, рекол Влатко за „Женски магазин“.
Тој додава: „Тоа е една огромна загуба за мене, една огромна дупка во мојата душа и се обидувам преку музиката да се спасам. Се обидувам свирејќи да го изразам сето она што се случува во мене и за момент да најдам утеха, иако тоа е многу тешко. Сега се грижам за моите деца, ги решавам нивните проблеми, а кога ќе дојде ред и на мене, ќе решам и некои од моите проблеми“.