Петтиот игран филм „Бикини Мун“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски на 3 март ќе ја има својата американска премиера на фестивалот „Синеквест“ во силиконската долина.
Светската премиера на „Бикини мун“ на Милчо Манчевски се одржа во октомври 2017 година на филмскиот фестивал во Сао Пауло, Бразил. По премиерата, бразилските медиуми особено го фалеа новото остварување на Манчевски.
Џуи Аугусто пишува во „О Кве тем на носа естанте“: „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество. Манчевски ни покажува колку е болно современото општество. Низ објективот на Манчевски гледаме лицемерно и демагошко општество. Тој е режисер филозоф“.
Главните улоги во „Бикини Мун“ ги играат Кондола Рашад, ѕвезда на серијата „Милијарди“ и трикратно номинирана бродвејска актерка, и Сара Голдберг. „Бикини Мун“ е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.