Вчеравечер во Музејот на македонската борба, 18 години постоење одбележа клиниката „Жан Митрев“. На прославата на јубилејот присуствуваа бројни јавни личности, меѓу кои премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорѓе Иванов, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за здравство Венко Филипче, мистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и други.
Жан Митрев, основачот на клиниката им се обрати на бројните гости. Тој раскажа за почетоците, но и за постигнатите резултати во изминатите години. Кога почнала со работа болницата, во 2000 година имала 10 вработени, а сега има 300. Досега се третирани 1,5 милиони пациенти и направени се преку 30.000 операции на пациенти од земјава и странство.
„Пред 18 години почнавме со многу мал тим, кој за кусо време стекна репутација на модерна болница. Во 2008 година отворивме голем дијагностички центар, а во 2016 година направивме голем исчекор кога се вселивме во новата болница, каде поставивме темели на индивидуализирана медицина, како при поставување на дијагнозата, така и во хируршкото лекување“, рече тој.
Пред гостите на прославата свој настап имаше и виртуозот на гитара, Влатко Стефановски.