Џез-музичарот Владимир Четкар на својот фејсбук-профил објави фотографија со легендарниот кубански музичар Артуро Сандовал. Преку фотографијата тој се присети на нивната последна средба во Џакарта, Индонезија, каде што и двајцата настапуваа на „Јава џез фестивал“.
„Во Џакарта се дружевме по средбите во Охрид пред две години. Тогаш Артуро настапуваше на „Охридско лето“, па ме покани да му бидам гостин на концертот и отсвиревме неколку песни заедно“, раскажа Четкар за „Репортер“.
Тој вели дека средбите со Артуро ќе ги носи во убаво сеќавање.
„Нема да заборавам дека ми рече дека дружбата во Охрид му била една од најубавите во животот. Тоа беше интересна вечер пред концертот, кога малку свиревме заедно, а потоа направивме и фотографиии што досега не сум ги објавил никаде. На едната слика, на негово барање, се фотографиравме со пушки антиквитети, постари од сто години, а кои се дел од ентериерот на ресторанот“, додаде Владимир.
Четкар вели дека би сакал повторно да се сретне со кубанската музичка легенда, па уште еднаш да отсвират нешто заедно, и како и првиот пат, да испушат по една кубанска пура.
(А.Ј)