„Од жена за жени“ е мотото на кампањата на „Студио драма“ на Ивана Кнез по повод осумгодишнината од постоењето на студиото. Со новата кампања Кнез има цел да ја зајакне моќта на индивидуализмот на секоја жена во Македонија. Кампањата е иницирана од моментната општествена состојба на секоја жена во секој дел од светот.

„Работам за секоја жена, стојам зад секоја жена, без разлика на нејзината социјална и општествена припадност и статус. Не судам, го оправдувам сечиј избор на секоја жена бидејќи во тој момент таа знаела и можела најдобро. Живееме во период каде што се појавува една црна дупка за жените, се бориме за правата што по законот на природата се наши. Живееме во ера на епитети и погрдни придавки, осуда и површно лицемерство. Жени се свртуваат против жени во секојдневни преписки на социјалните медиуми, најчесто со скриени профили. Ние жените поставуваме стандарди, кои потоа ги погазуваме во дискусии“, вели Кнез.
Колекцијата е наменски светкава и блескава како секоја жена. Жените во кампањата се Кира, која има четири години, и кога ќе порасне сака да биде модна дизајнерка; Мила има седум години, сака да биде стоматолог; Миа (10) во иднина би била танчарка; Сања, која има 13 години, и би сакала да биде адвокатка. Во кампањата се вклучени и студентката Ангела, Моника има 24 години и е блогерка за мода и живот, 24-годишната пејачка Елена; Јелена Спенџарска, 30-годишната ТВ-водителка; Миа (33), мајка и водителка, која се опишува како емотивна и исклучително своја; Елена Стефановска, 36-годишна водителка, урбана, модерна и вљубена во својата професија. Како модел е вклучена и Кнез.