Најновата проценка на Меѓународниот монетарен фонд, за светската економија предвидува дека глобалното опоравување повторно ќе се забрза, но сјајните прогнози се само за оваа година. Потоа се очекува повторно доаѓање на тмурни облаци.
Министрите за финансии од целиот свет кој оваа недела се собираат во Вашингтон сигурно радо би се концентрирале на позитивните прогнози, но кога ќе се угаснат камерите и кога ќе се заврши со самоуверените настапи, па ќе погледнат понатаму во иднината, сите тие моќни финансиски експерти, министри и банкари, се свесни дека сето тоа што сега се случува би било предобро доколку потрае.
Тоа го потврдила и Шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Растечкото ниво на долгот и трговските спорови меѓу двете најголеми светски економии претставуваат закана по глобалната економија која со години не била во вака добра состојба, предупредила таа.
„Трговската војна нема да биде нешто што ќе ги погоди само двете држави, затоа што светот е поврзан. Таа ќе ја погоди глобалната економија“, изјавила Лагард пред новинарите во Вашингтон, алудирајќи на американско-кинеската трговска тензија.
ММФ предвидува дека глобалната економија ќе порасне по стапка од 3.9 проценти во оваа година, со најбрзо темпо од 2011 година, но Лагард порача дека на хоризонтот ќе се појавуваат се поголем број на тмурни облаци, како што се трговските тензии и растечкиот глобален долг кој достигнал рекордни 164.000 милијарди долари.
Таа предупредува и дека долговите на владата во развиените економии во светот се на највисоко ниво од Втората светска војна.
Европјаните имаат најголема причина да се грижат, бидејќи сеопфатната трговска војна, никогаш не била поизгледна, по царината која американскиот претседател Доналд Трамп ја воведе на кинескиот челик.
Блискиот исток повторно можел да стане големо и вжарено боиште поради војната во Сирија, а се поизгледно е дека САД ќе се повлече од иранскиот нуклеарен договор.
Русија, меѓутоа постепено се одвојува од глобалната економија, поради западните санкции, кои се наметнати поради политиката на Путин. Во меѓувреме, Европа се соочува со излегување на Велика Британија од Европската унија, која станува се покревка.