Староградска музика го распеа претседателот Иванов

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и џез-музичарот Владимир Четкар убавото време и летните температури вчера ги искористија за пријателски ручек во планинското село Коњско, во близината на Охрид. Седнаа на риба и македонски специјалитети сервирани на традиционален начин.

„Со претседателот Иванов се дружиме долги години, а се среќаваме кога обврските ни го дозволуваат тоа. Овој пат двајцата бевме во Охрид во исто време, па се договоривме да се видиме, да се дефокусираме од секојдневните обврски. Ресторанот е на околу 1200 метри надморска височина, мирно и затскриено место, каде што секој може да ужива во вкусната храна, во тишината и во преубавиот поглед на езерото“, рече Четкар за „Репортер“.

Четкар вели дека со претседателот разговарале за музика, за историја, за храната. Друштво им правел и синот на Ѓорѓе, Иван Иванов.

„Претседателот е голем љубител на џезот, на фанкот, на музика каква што свирам јас“, вели Владимир.

Претседателот Иванов понекогаш е гостин на концертите и свирките на Четкар, а џез-музичарот неколкупати свирел во претседателската резиденција.

Владимир вели дека нивните средби секогаш завршуваат со староградска музика.

„Од ручекот во ‘Минами’ во Горно Коњско, дружењето го продолживме во хотелот ‘Белведере’, на староградска музика. Е тогаш е најзабавно, оти секогаш пееме стари македонски песни. Пеат сите. И претседателот, и Иван, и јас и сите што се во наше друштво. Најмногу ги сакам ‘Бог да бие Русе’, ‘Налеј, налеј, налеј’ и ‘Билјана платно белеше’. Ние пееме, а Иван често свири“, ни раскажа Четкар за нивната средба.

Џез-музичарот во мај ќе се врати во Њујорк каде што треба да сними уште две песни за новиот албум. Албумот ќе го промовира во текот на летото.

Scroll to Top