Светски познатиот диџеј Пол Ван Дајк беше најголема ѕвезда на музичкиот „Д фестивал“ што викендов се одржа во Дојран. Публиката со силни овации го дочека авторот на Let go, For an Angel, Another Way. Ван Дајк имаше неколкучасовниот сет кој траеше до утринските часови, а почна со огномет како најава за неговиот одличен настап. Во интервју за „Репортер“, 46-годишниот Германец откри дека во Дојран останал гладен.
„Кога пристигнав веднаш си легнав, па се уште не сум јадел ништо, но можеби утре ќе имам некаква македонска храна за појадок. Сум настапувал неколку пати во Македонија и секогаш е одлично. Би сакал да имам повеќе време за патување кога сум тука за да ги видам убавините на земјата, слушам дека е прекрасна. Еден ден ќе се вратам како турист“, ни рече тој.
И по многу години поминати на сцената не размислува да се откаже.
„Кога ја сакаш музиката, кога си музичар, никогаш не престануваш да ја сакаш“, рече Ван Дајк и додаде дека со нетрпение чека да излезе на сцената.
„Сум настапувал на многу места во минатото. Love Parade во Берлин е важен пример за развојот на електронската музика во светот. Се случуваат многу работи и секогаш е возбудливо. Имам нов проект, нов клуб на Ибица, Shine, што ќе се отвори следниот понеделник и ќе настапувам таму во следните 11 недели секој понеделник. Тоа ќе биде многу возбудливо. Ова ќе биде исполнето лето“, вели Ван Дајк.
„Д фестивал“ во Дојран беше во организација на „Пасворд продукција“.
Кристијан Ландов