12-годишниот Марко Пејчиноски вчера за 9 часа го преплива Охридско Езеро, со преживеан инфаркт на долните екстремитети. Тој во еден здив исплива 30 километри од Свети Наум до пристаништето во Охрид. Со тоа стана најмладиот маратонец. За подвигот Марко се подготвуваше една година во затворен базен. Иако има проблеми со нозете кога трча, тој проблем го нема кога плива. На успехот на Марко се израдува и поранешниот олимписки шампион во борење Шабан Трстена, кој преку статус на „Фејсбук“ порача дека нема да се смири додека Марко не стане светска сензација, велејќи дека ќе крши „кичми ако Марко не стане херој“.
„Браво за 12-годишното момче Марко Пејчиноски! Покажа храброст, што е мотив, го преплива Охридското Езеро! Луѓе, детево има само 12 години, а преплива 30 километри. 9 часа без ниту една минута пауза. Никој не треба да ја уверува јавноста дека младото момче е талент! Е па стручњаци, имате пет до седум години детево да го направите европски и светски херој, ако не успеете во тоа, јас, како олимписки шампион, ако Господ ме поживее до тогаш, кога треба да наполнам 63 години, немој да ми излезете пред очи оти ќе ви ја „скршам кичмата“! Имате прекрасен, брилијантен 12-годишен супер талент да направите голем шампион со кога ќе се гордееме сите и за кого ќе навиваме сите! Немој само да велите дека се гордеете со Марко и со неговиот подвиг, туку бидете конкретни и зафатете со работа, помогнете му да ја изоди шампионската патека. Јас лично овие денови ќе отидам да му честитам на малиот шампион на овој голем историски успех“, напиша меѓу другото Трстена.