Актерите Тони Михајловски и Никола Ристановски за малку ќе се откажеле од глумата, оти додека биле прва година на Факултетот за драмски уметности, професорите им рекле дека се неталентирани.
„На Никола му предложија да се запише на драматургија или на книжевност оти имал говорна мана, а мене ми рекоа да пробам на Факултетот за физичка култура. Најголемиот виновник што ние денес се занимаваме со театар е Владимир Милчин, кој ни даде втора шанса“, открил Михајловски во едно интервју.
Тој рекол дека со неколку колеги брзо влегле во театар и дека работеле со некои од најголемите актерски имиња: Џувалековски, Стојановски, Чоревски и други.
„Износевме големи проекти, а ‘Kрик’ на Блаже Миновски ни беше прва претстава во која ги изигравме Гоце Делчев, цар Самуил. Тогаш ја добив првата награда за млад актер на фестивалот во Прилеп, а следната година повторно ја земав истата награда“, додал Тони.
Најдобриот совет за глума го добил од неговиот професор Милчин.
„Улогата од 5 минути треба да ја направиш како да е вредна 50 минути, велеше тој. Го следам овој негов совет“, рекол Михајловски.