Денеска почна осмата сезона на музичката емисија „Стисни плеј“. Уредникот и водител на емисијата Александра Јовановска за „Репортер“ откри дека оваа година нема да ја води сама „Стисни плеј“, туку дека друштво во студиото ќе ѝ прават пејачката Јана Бурческа и гитаристот Бојан Галевски.
„Најголема промена е што емисијата ќе оди во живо. Емисијата овој пат ќе е дел од Забавното отворено студио на МТВ, ќе трае 45 минути, ќе ги следи новитетите од домашната забавна музика, а ќе се емитува двапати неделно од 18:15 часот во вторник и во петок. Како што се зголеми минутажата на ‘Стисни плеј’, така ја збогативме и нашата екипа, па оваа сезона за почеток ни се приклучија Јана и Бојан. Со Јана добро се познаваме, соработувавме на многу емисии за проектот ‘Евровизија’. Бојан е студент по новинарство на Правниот факултет, а свири гитара во неговиот бенд ‘Акустик дивижн’. Двајцата имаат големи познавања од областа на музиката и искрено ја сакаат“, ни раскажа Александра.
Таа откри дека Бојан и Јана веќе ги снимиле првите прилози за емисијата, а дека нивната позитивна енергија ќе ја почувствуваат и гледачите на емисијата.
„Верувам дека нема да имаат проблем да се вклопат во еден ваков проект. Се надевам дека ќе ги заразиме со магијата на телевизијата и ќе останат до крај во нашата екипа“, додава Јовановска.
(А.Ј)