Анѓела Јакимовска (22) од Скопје Македонката ја освои титула Best Catwalk, на престижниот интернационален избор за убавина Lady Universe, кој се одржа вo Софија, Бугарија.
Манекенката Анѓела ја претставуваше Македонија на интернационалниот избор за убавина кој се одржа во хотелот „Маринела”. На изборот учествуваа менекенки од целиот свет, а нашата претставничка успеа да освои титула.
„Чест и задоволство ми е што на ваков интернационален избор за убавина успеав да ја освојам титулата за Best Catwalk. Веројатно затоа што чекорењето ми е најважно, но да бидам искрена, не знаете никогаш на што можете да нагазите“, изјави Анѓела за „Репортер“.
Манекенката на овој интернационален избор отиде во соработка со националниот директор Роберт Граматиков.
Изборот за убавина траеше една недела на којшто девојките се претставија во национални костуми, костими за капење и вечерни тоалети.
За време на овој интернационален избор, покрај големиот број на фотосесии и исцрпните проби се одржа и модна ревија која ја отвори македонската преставничка, Јакимовска.
Анѓела својата манекенска кариера ја започна уште на 16 години, а првите интернационални ангажмани ги доби за време на нејзините студии во Хрватска, Сплит. Таа е четврта година на Економскиот факултет во Скопје и е дел од модната агенција „Моделс Ин“.
А. Георгиев