Македонскиот диџеј со светска кариера Галоски доби поддршка од едни од најголемите светски диџеи и добитници на награда „Греми“, Дејвид Гета и Ники Ромеро. Гета го најави излегувањето на најновата песна на Галоски, Shake It Down, која е во соработка со српскиот продуцент Ra5tik и официјално ќе излезе на 15 февруари преку италијанската издавачка куќа Art & Music Recordings. Новата песна на Галоски својата премиера ќе ја има следната недела во радио емисијата на холандскиот диџеј и продуцент, Ники Ромеро.
Галоски последниве неколку години е еден од најистакнатите диџеи во земјава, а светските медиуми го нарекуваат еден од најбрзорастечките диџејски имиња од Југоисточна Европа. Тој лани имаше настапи во повеќе од 25 земји ширум светот, вклучувајќи го и настапот на реномираниот „Ултра мјузик фестивал“ во Сингапур.