Државните медиуми во Северна Кореја објавиле денеска дека австралискиот студент Алек Сигли е фатен како шпионира и дека тој е протеран од земјата, пренесува „Ројтерс“.
„Преку истрагата откривме дека Сигли преку американскиот сајт со седиште во Сеул, „НК њуз“ и други медиуми насочени против Народна Демократска Република Кореја, во повеќе наврати предавал податоци и фотографии, кои ги собирал и анализирал од Пјонгјанг. Користел идентификациона картичка наменета за странски студенти“, објавила севернокорејската државна агенција KCNA.
Агенцијата наведува дека Сигли, кој властите во Северна Кореја го држеле во притвор од 25 јуни, го признал шпионското делување и во повеќе наврати побарал помилување. Од агенцијата е наведено дека Сигли во четвртокот бил протеран од Северна Кореја. Сигли истиот ден преку Пекинг пристигнал во Токио.