Повеќе од 1,3 терабајти тајни податоци кои неодамна беа украдени во хакерски напад од централата на партијата на Себастијан Курц, завршиле во еден од серверите на француските служби, пишуваат светските медиуми.
Три и пол недели пред предвремените парламентарни избори во Австрија, австриската Народна партија (ОВП) на Себастијан Курц објави дека била хакирана. Засега не е откриено кој стои зад хакерскиот напад, но во истрагата и потрагата е вклучен и Еурпопл, откако е утврдено дека нападот е извршен надвор од границите на Австрија.
Иако на почетокот партијата на Курц ја обвини Русија, се испоставило дека на еден од серверите во Франција биле најдени 1,3 терабајти на украдени податоци од централата на партијата на поранешниот австриски премиер.
„Целта беше да се влијае и да се манипулира со изборите“, рече Курц во изјавата за виенскиот весник „Естерајх“.
Весникот пишува дека меѓу украдените податци се наоѓаат и комплетното книговодство на партијата од времето кога лидер бил Волфганг Шишел. Хакерите имале увид на сите плати на вработените во партијата, како и на договорите со ангажирани лица.
Хакерите добиле увид и во сите предизборни кампањи на партијата, со сите трошоци, а превземени се и мејловите на лидерот на партијата, генералните секретари и соработниците. Хакерите имале и пристап до датотеките и адресите на партијата, што опфаќа повеќе од стотина илјади луѓе кои не се политичари.
Според извори од партијата, хакерите пет недели пребарувале по серверите и имале пристап од администраторите. Инсајдерите во партијата велат дека хакерите податоците ги земале во транши, затоа што, за да успеат наеднаш да соберат преку 1.300 гигабајти податоци, потребни се најмалку 30 часови.
Според полицијата виртуелните крадци, направиле грешки за време на хакерскиот напад. Чуварите на редот успеале да дојдат до првите траги, а австриски експерт за сајбер безбедност Ави Кравиц, кој бил ангажиран од ОВП, од првиот ден тврдел дека овој напад е сличен со хакерскиот напад направен врз Емануел Макрон, за време на предизборната кампања во 2017 година.