Играчите на францускиот тим на Парис Сен Жермен, кои истовремено играа и во финалето на Мундијалот во Русија во репрезентацијата на Франција, се наоѓаат под истрага на Светската антидопинг агенција WADA. Тие се сомничат дека пред финалето во 2018 година џвакале сомнителни мастики.
Овој скандал излезе на виделина минатата недела по победата на ПСЖ над Реал Мадрид во Лига на шампиони со 3:0. Истрагата покажала дека истите мастики кои ги консумирале играчите на ПСЖ ги џвакале и фудбалерите на „триколорите“ во Русија пред мечот со Хрватска, кој го добија со 4:2.
Истрагата покажала дека Французите ги користеле истите мастики и за време на натпреварите на Европското првенство во 2016 година. Мастиките на своите соиграчи им ги поделил играчот на Јувентус Блаз Матуиди.
Станува збор за мастики кои ги патентирала американската војска, а кои веќе некое време можат да се најдат во слободна продажба. Мастиките се без шеќер, збогатени се со витамин Б, а содржат и 50 милиграми кофеин. Нивната предност во однос на енергетскиот напиток или кафе е во тоа што кофеинот почнува да делува по само пет минути.
Засега овие мастики се легални, односно се наоѓаат во „сивата зона“, но се под истрага на WADA.