Откако заради финансиските проблеми на клубот неколку ракометари си заминаа од „Вардар“ среде сезона, Тимур Дибиров ги повика фановите да им останат верни и да доаѓаат на натпреварите. Тој им порача дека не се откажува од „Вардар“ и покрај тешката ситуација и дека клубот пак ќе биде успешен.
„Драги фанови, знам дека сега ние сме во тешка ситуација и сите вие сте многу разочарани, но сега е момент за сите нас да се обединиме и да покажеме дека Вардар бил и ќе биде, и може да победи секогаш, и сите заедно ќе си дадеме поддршка кога е најтешко. Ве повикувам сите во салата и да покажеме што е љубов, заедно можеме да направиме се“, напиша тој на „Инстаграм“.
Дибиров доби поддршка од хрватските ракометари Лука Циндриќ и Игор Карачиќ кои порано играа за „Вардар“, но и од многу фанови. Рускиот ракометар е во „Вардар“ од времето кога клубот го купи Сергеј Самсоненко. Неодамна во интервју за „Репортер“ Тимур раскажа како решил да игра во клубот и зошто не сака да си замине од Скопје.
„Вардар секогаш ќе ми биде во срцето. Никогаш и никаде не сум добил поддршка како од фановите во Јане Сандански. Тоа е најдобрата публика што еден спортист може да ја посака“, рече тогаш во интервјуто Тимур.