Голманот на македонската репрезентација, Борко Ристовски, денес на прес-конференција потврди дека до крајот на сезоната ќе брани за „Вардар“. По осум години тој повторно ќе игра во клубот во кој настапуваше два пати, 2001 до 2003 година, а потоа од 2010 до 2012 година.
Ристовски во Вардар доаѓа од португалска Бенфика, и вели, за помалку пари за да му помогне на „Вардар“, кој од поодамна е во тешка финансиска ситуација.
„Јас имав уште година ипол од договорот и сега се договоривме за пократок договор до крајот на сезоната за финансиски послаба понуда, но сепак доаѓам главно да му помогнам на ‘Вардар’. Имав и други понуди, од екипи кои играат во ЛШ, ‘Рајн Некар’ беше една од нив, но се решив за ‘Вардар’. Ова е европски првак, група со квалитетни играчи, големи луѓе и големи борци и затоа сакам да помогнам во оваа тешка ситуација. Уште ќе има тешки и важни натпревари во ЛШ и во СЕХА, како и во домашното првенство“, рече Борко.
Тој призна дека имал понуда уште на почетокот на сезоната да се врати во „Вардар“, но тогаш не успеал да се договори со нив.
„Имав преговори уште кога Парондо беше тренер, ама тогаш не се договоривме. Не знам што ќе биде со клубот и во кој правец ќе се движи, но во овој момент знам дека лошата ситуација е минимизирана. Знам дека се влезени некои средства во клубот, но точно не можам да знам што ќе биде. Во моментов ‘Вардар’ е во сопственост на Самсоненко, но дали тој, дали Михајло, дали ако дојде некој друг, ‘Вардар’ заслужува да опстојува и понатаму и да функционира“, додава Ристовски.
Тој демантираше дека враќањето во Скопје е поврзано со негов политички ангажман, бидејќи е советник на Христијан Мицковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Враќањето нема врска со политиката. Јас не сум политичар. Единствената причина поради која влегов во политиката е да му помогнам на спортот. Јас сум по природа револуционер, патриот, си ја сакам својата држава, сакам да помогнам и само тоа. Ова не е политички говор“, рече тој.
Освен Борко, во „Вардар“ од денеска ќе игра и Марко Мишевски, кој е дел од македонската ракометна репрезентација.
Борко Ристовски: Ќе се повлечам од голот кога ќе се појави квалитетен голман во репрезентацијата