„Сања е најдобрата мајка на светот“ – Слаткар за таковството и синот Моша

Еден од најпопуларните македонски хип-хопери, Марко Маринковиќ Слаткар, пред неколку дена стана татко. Неговата сопруга Сања го роди синот Моша. Ова е прво дете на музичарот и некогашната Мис на Македонија. Во муабет за „Репортер“, Марко ни раскажа за првите денови од татковството. Вели, породувањето поминало лесно, мајката и бебето се супер и дека, на почетокот одлично се снаоѓа во новата улога.

„Заради ситуацијата дома сме по цел ден. И се снаоѓаме супер, ако сме само двајцата. Моша е лесен за чување, а Сања е најдобрата мајка на светот“, вели Слаткар.

Тие долго време криеја дека ќе станат родители. Дека чекаат бебе, Марко откри за Нова година кога обави слика од бремената Сања. Тогаш рече дека 2020 ќе биде најубавата година во неговиот живот.

Сања и Марко се венчаа 2014 година. Свадбата, на која свиреа и трубачи, ја почнаа со танц на песната „Кажи да“, што Слаткар ја напиша за неговата сопруга. Иако не зборуваат често за приватниот живот, лани во интервју за „Репортер“ Слаткар ни раскажа дека со Сања се запознале 2010 година на „Златна Бубамара“.

„Таа излезе на бина и почна да ми се пушта пред сите. А јас.. па, Сања е, не можеш да останеш мирен и да не ја изгубиш главата. Ама после тоа ми се ‘понашаше’ нешто, ми требаше време да ја освојам“, вели тој.

И не е за изненадување дека сопругата му е понекогаш инспирација за музиката што ја прави. За неа, освен песната „Кажи да“ ја напиша и „Луда романтика“, за која снимија спот во Венеција. Од друга страна, Сања пишува текстови за песни за многу македонски музичари, но никогаш не напишала текст за песна на Марко.

„Јас се гордеам со Сања, со текстовите што ги пишува. Одлична е. Ама, јас изведувам друг тип на музика. Сакам да ја слушам да го пее тоа што го пишува за други, но јас не би го пеел никогаш, многу е романтично“, ни рече тогаш Слаткар.

А. Јовановска

 

Scroll to Top