Ношпал ѝ се враќа на модата: Европска елеганција и африканска лежернoст за дамите кои ја издржаа пандемијата

Познатиот моден креатор Александар Ношпал, кој долги години работи како дизајнер на костуми во театарот и балетот, повторно се враќа на модната сцена. Заедно со македонската онлајн продавница „Митра“, ја лансира прва заедничка ready-to-wear колекција, под името Ношпал Митра Limited Edition. Заштитни лица на колекцијата се Надица Георгиева и Веда Евтимова.

Оваа модна колекцијата содржи парчиња облека од шарени ткаенини, смели дизајни, како и еднобојни максималистички форми, кои ја следат силуетата на жената. Ношпал создаде колекција која се разликува од неговите неодамнешни креации, но која и понатаму ја следи неговата уникатна визија за мода.

„Колекцијата настана во време кога целата модна индустрија ги затвора своите врати, a претставува искра надеж за сите креативци во светот. Таа е посветена на глобалната борба за зачувување на човекот, негова адаптација и интеграција кон природата. Колекцијата ја содржи европската елеганција, африканската лежернoст и јапонскиот минимализам. Адаптибилна, лелеава и комотна. Едноставна, како што треба да продолжи да биде и нашиот живот“, рече Ношпал за „Репортер“.

Проектот Ношпал Митра Limited Edition е одговор на глобалната здравствена и економска криза и нејзиното огромно влијание врз модната индустрија. Во време во кое индустријата се соочува со големи загуби, тие се прилагодија на промените и создадоа колекција која е лимитирана, а наменета за е-пазарот.

Облеката ќе биде со висок квалитет и прилагодени цени за нашите стандарди.

„Пандемијата ни покажа дека модната индустрија треба да забави, да се оддалечи од масовното производство, да ја смени насоката и да се подобри“, додава Ношпал.

Колекцијата ќе биде во продажба од петок, 26 јуни, преку само преку веб-страницата на „Митра“.

Scroll to Top