На вчерашен ден пред седум години почина Душан Љубисављевиќ од дуото „Дуле и Коки“. На годишнината од неговата смрт, на Дуле се сетија и пријателите и семејството, а музичарот Никола Јанков, со кого свиреше долги години, на „Фејсбук“ му напиша емотивно писмо. Во писмото Коки му раскажува дека младите можеби не знаат кои се Дуле и Коки, но им ги знаат песните. И додека тие во публиката плачат кога Коки ќе ја запее „Колку треба да се плати“, тој се воздржува и чека од некоја страна Дуле да се појави на свирка…
„Се враќам од свирка, од Струмица брат, па ми се сврте во главата и викам да ти напишам уште едно писмо… ама ова ќе биде последно, не те замарам повеќе, да не речеш, а бе Кочо седум години ми досаѓаш, дај олабави. Брат, не знам дали да се смеам, дали да плачам. Знаеш, сè ми доаѓа дека од негде ќе се појавиш, и тоа ми се случува најчесто кога свирам, а бе фатаморгана. Можеби, па сеа дури сфаќам дека стварно те нема.
Сите прашуваат за тебе, не те заборавиле, да знаеш, особено при крај на свирката… ја темпирам „Колку треба да се плати“, ќе стиснам заби, им ја пеам, и тие пеат, ама на таа не плачам, тешко ми е да плачам на таа, гледам тие плачат…
На овој ден кога ја летна, знаеш кому му е роденден? На Ице, замисли… Не сум ти кажал тоа. Кај одам јас без гитара, свириме заедно и Сале е со нас. Ти стално, кога ќе го спомнев Господ, викаше, ај батали тоа. Ама гледаш дека имало Господ, па ти ако не знаеш, кој? И кажи сега дека горе си е горе, нели… добро е таму.
Овде е зезнато малку, може малку повеќе. Има некој вирус, и ако го закачиш јако, за скоро умираш, ама некои ќе го фатат и ништо не им е… поима немам… ваљда си чул.
‘Макфест’ оваа година се одржа за првпат на плоштадот, на отворено, не во Домот на културата, поради тој вирус, 35 години јубилеј… Таму, пак, не заборавија и двајцата, ама нема врска.
Со Марија, сестра ти, ќе се сретнеме понекогаш. Нејзините две и од брат ти – три, пет внучиња имаш. Не им ги паметам имињата, едното од брат ти се вика Душан Љубисављевиќ, знам, по тебе.
Да знаеш дека не престанувам со музика, а ми има дојдено многу пати да баталам, ама има пет песни бе брат што треба да се пеат и свират. Помладите појма немаат кои биле Дуле и Коки, ама песните ги знаат, гледаш.
Знаеш што… нема да биде ова последно писмо, ќе ти пишам пак, за некое време…“, стои во пораката на Коки.
Дуле почина на 39 години од рак на црниот дроб. Заедно со Коки во 1997 година го формираа дуото „Дуле и Коки“, па освен што беа познати по клупските свирки, кои секогаш беа преполни, тие ѝ станаа миленици на публиката со песните „Виолина и гитара“, „Марама“, „Колку треба да се плати“. Меѓу пријателите беше познат како голем боем и гурман. Со Коки го отвори ресторанот „Доменика“. Зад себе имаше и два брака. Со Санда Петковска беше во брак една година, а неколку години по разводот се венча со Љупка Несторовска.