Улогата на Петар Маниќ во првиот детски долгометражен филм „Стела“, кој неодамна ја имаше својата премиера, шармантно нè повика да го актуализираме семејството Маниќ. Првпат заедно во јавноста, во студиото на „Репортер“, три генерации мажи, секој со својата приказна. Томислав, Александар и Петар Маниќ.
Најстариот Маниќ во јануари ќе полни 88 години. На интервју дојде со олдтајмер – „пежо 404“. По разговорот, ни откри дека ќе оди на кафе во „Манда“. „Тоа ми е библиотеката, па таму одам на кафе со цигара“, вели некогашниот професор по историја во економското „Моша Пијаде“. Дознавме дека уште пред 40 години им држел онлајн-настава на учениците, но и дека им го донел во училиштето да им пее Здравко Чолиќ. Нивниот професор беше легендарниот пејач на „Црвени рози за вас мадам“ и „Кажи зошто ме остави“. Ги праша и синот и внукот зошто во гените им е да кршат раце и нозе, па ни раскажа и нам една интересна приказна за нивната поврзаност.
Ретко кој знае дека адвокатска канцеларија на пејачот Маниќ стана култното кафуле „Манда“ во „Мавровка“, кое го држеше син му. За првиот диџеј и за журките што и денес будат носталгија кај скопјани, нè потсети Александар Маниќ, некогашен државен првак во пливање. Денес, неговото кафуле во Центар е сврталиште на новинарите од политичките рубрики, ама и на политичарите. Како изгледа една новинарска седенка на која се зборува за политика, Манда вели: „Напорно е многу, а особено кога ќе се скараат“. Зошто само Бранко Црвенковски и Никола Груевски не седнале тука на кафе, ама и како поради кавгата меѓу Пендаровски и Геровски, испадна дека „баграта“ е во „Манда“… во муабетот со Александар Маниќ.
Најмалиот Маниќ, 14-годишниот внук и син Петар, кој деновиве е популарен со улогата на Никола во филмот „Стела“, е некаде на средината. Глуми како дедо му, плива како татко му, ама пак си е свој. За бакшиш ја менува и постелнината на деда си. Вели дека сега, по улогата на Никола во „Стела“, едвај чека да заигра пак пред камерите. Со приказните на три генерации Маниќ, гледајте го интервјуто…
Александра Георгиев