Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, почина на 64-годишна возраст, јавуваат медиумите на ромски јазик. Долгогодишниот политичар веќе бил починат кога бил донесен во клиниката Филип Втори поради проблеми со срцето. На Бајрам посмртно ќе му биде направен и тест за Ковид 19, за што му е земен брис.
Амди Бајрам е роден во Скопје и има завршено средно трговско училиште. Тој кратко време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“. Бајрам во 1994 година стана пратеник во Собранието на Република Македонија како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), но до крајот на мандатот работеше како независен пратеник. Во 1996 година ја основаше партијата Сојуз на Ромите и беше назначен за нејзин претседател. Неговата партија беше во коалиција и со СДСМ и со владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Бајрам ќе остане запаметен по конфликтите со многу пратеници, по затворската казна заради кражба на платно во штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра, но и по многуте изјави, меѓу кои и дека е „бренд како Кока-Кола“.
Поранешниот пратеник неодамна беше во центарот на вниманието на јавноста откако организираше свадба со 600 гости за својата внука во Турција. Тој претходно ја откажа поради коронавирусот во Македонија.