(Фото) Васил заразен од корона слави роденден со торта „корона“

Пејачот Васил Гарванлиев денес полни 36 години, а роденденот го прославува сам во изолација со торта во вид на „корона“ оти пред неколку дена дозна дека е позитивен на Ковид-19. Од рано изутрина Васил добива многубројни роденденски честитки. Ни кажа дека пријателите и фановите му порачуваат да оздрави побргу, а многу од нив му посакаа в година да ја претставува Македонија на Евросонг.

„Не мислев дека ќе славам роденден во време на корона со ‘корона’. Ама тоа е, здравјето на прво место, а јас ќе имам шанса да прославам понатаму. Позитивното е што ќе имам антитела и плазма, па ќе можам да донирам ако некому му треба помош. Одиме напред и нагоре“, рече Васил за „Репортер“.

Се израдувал кога мајка му пред вратата му ја оставила роденденската торта во вид на коронавирус.

„Се видовме оддалеку. Не можам да престанам да се смеам кога ја гледам тортава, баш ме расположи“, вели тој.

Васил ни откри и дека вирусот го поминува лесно, асимптоматски, а единствено го изгубил чувството за мирис.

„Со месеци апелирам луѓето да внимаваат, да се заштитат. Јас никаде не одам без маска, но, ете, мал момент на невнимание и сега сум дома“, ни рече тој.

А. Јовановска

Scroll to Top