Наскоро ќе почнат да се снимаат нови епизоди од хит серијата „Сексот и градот“, а потоа и трет дел на филмот, но во нив нема да глуми Ким Катрал, односно Саманта. Ова го потврдија и од ХБО Макс, но и глумицата, која уште пред неколку години изјави дека решила никогаш повеќе да не ја игра Саманта Џонс, за многумина омилениот лик во серијата.
Сара Џесика Паркер (Кери), Синтија Никсон (Миранда) и Кристин Дејвис (Шарлот) веќе работат на новите епизоди од серијата, но за сега не е познато дали авторите целосно ќе го изостават ликот на Саманта или ликот ќе постои ама ќе го глуми некоја друга актерка.
„Не можам да замислам никој друг да ја игра Саманта. Ким кажа сè што требаше да каже и тоа е нејзино право. Ние продолжуваме понатаму,“ изјавила неодамна Паркер.
Ким одбива да се врати на снимањето, бидејќи одамна постои нетрпеливост меѓу неа и Сара Џесика Паркер, а вели и дека е многу стара за да ја глуми пак Саманта, позната по бројните секс-авантури.
„На многу начини таа серија беше голем благослов, но по вториот филм веќе ми беше доста. Не можев да сфатам зошто едноставно не ме заменат со друга актерка и наместо тоа ме малтретираа. Не значи не! Не сакам да поминам ниту еден час во ситуација во која не ми е пријатно. Сакам да бирам со кој ќе го поминувам времето, приватно и професионално. Тоа е мојот живот“, изјави Ким во едно скорешно интервју.