Бизнисменот Живко Мукаетов повторно е избран за претседател на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) и на оваа функција ќе остане во следните четири години.
Одлуката за неговиот избор е донесена на редовното изборно собрание на РФМ, што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а Мукаетов беше единствен кандидат за функцијата. Тој доби поддршката од 51 од вкупно 54 делегати.
Ова ќе биде трет четиригодишен мандат за Мукаетов, кој е на чело на РФМ во март 2013 година. Тогаш на функцијата го замени Михајло Михајловски.
„Сакам да се заблагодарам за укажаната доверба и се надевам дека ќе продолжиме по истиот пат за уште подобра сегашност и иднина на македонскиот ракомет“, рече Мукаетов по реизборот за претседател.
Специјални гости на Изборното собрание на РФМ беа капитенот на репрезентацијата Кирил Лазаров и поранешниот репрезентативец Ацо Јоноски.