Од слава на теренот до неиздржливите болки заради кои побара да му ги ампутираат нозете: Габриел Батистута раскажа зошто престана да игра фудбал

Аргентинскиот фудбалер, Габриел Омар Батистута, наполни 52 години. Виртуозот со топката, како што често знаеја да напишат за него италијанските медиуми, сега првпат зборуваше за најтешките моменти во животот. Од фудбалот се откажа заради проблеми со нозете, а болките понекогаш биле толку неиздржливи, што Батистута барал од лекарите да му ги ампутираат.

„Имав голем притисок на вените, со коските, ми беше тешко да одам. Болката на моменти беше пресилна, а таквиот живот ужасен. Имаше денови кога не можев да станам од кревет, плачев од бес. Моето семејство ме бодреше, но страдав. Еднаш беше толку лошо што повикав пријател лекар и го молев да ми ги ампутира нозете. Го преколнував, инсистирав, му велев дека тоа веќе не е живот,“ рекол тој во интервју за „Кориере дела Сера“.

„Моите коски на стапалата секогаш беа слаби, кршливи, дисторзиите ме упропастија, никогаш не можев да дадам 100%. Постојано пиев лекови против болка,“ раскажал еден од најдобрите аргентински фудбалери на сите времиња.

Иако низ годините имал повеќе операции, ситуацијата не се подобрувала. Потоа, во 2019 година бил повторно опериран, овојпат во Базел, Швајцарија, по што конечно се чувствува многу подобро од претходно.

„Тоа е решението кое го барам веќе 6-7 години,“ додал тој.

Габриел кариерата ја почна во Њуелс одл бојс, а потоа играше за Ривер Плејт и Бока јуниорс, кои се најголемите ривали во Аргентина. Оттаму, во 1991 година се пресели во Фиорентина и стекна статус на фудбалска легенда. Во клубот остана девет сезони, и постигна 207 гола на 333 натпревари. Пороа играше и за Рома, Интер и Ал-Араби.

Scroll to Top