Македонскиот каратист Емил Павлов освои бронзен медал во К1 Премиер лигата во Истанбул, Турција, откога го победи Каисар Албисбаир од Казахстан со 4:1.
Претходно, до натпреварот за бронзата Емил ги победи Аминага Гулијев од Азербејџан со 3:0, Афеф Гаит од Јордан со 3:2, а со победата против Матијас Гарсија Гомез од Шпанија со резултат од 8:3 се пласира во полуфиналето. Тука загуби 2:5 од азербејџанецот Фирдовси Ферзалиев.
„Оваа победа и освоениот бронзен медал за нашиот најдобар каратист се голем поттик за уште поголема самодоверба пред Европското првенство во Пореч и квалификацискиот турнир во Париз во борба за олимписка норма за ЛОИ во Токио. Од нашите спортисти пласман на 7. место во категоријата 75 км постигна Доан Османи, а Берат Јакупи во категоријата 84 кг оствари три победи и пораз, но немаше репасаж. Во истата категорија Виктор Крстевски имаше две победи, како и Абдурахом Идризи во 60 кг. Во кати, Пулексенија Јовановска оствари пласман на 13.тото место. К1 Премиер лигата во Истанбул се бодира за олимписката листа на WKF и беше прво големо натпреварување по една година пауза во каратето, а настапија вкупно 584 каратисти од 72 земји“, соопштија од Карате-федерацијата на Македонија.