Покажавме дека фудбалот е игра во која не победуваат само Германците: Николов и Стојановски по историската победа

„Капитенот Горан Пандев ден пред натпреварот со Германија ни кажа дека можеме да направиме чудо и во тоа чудо верувавме сите“, вака репрезентативецот Влатко Стојановски, за Репортер ни ја опиша атмосферата во македонскиот тим на само еден ден пред историската победа во Дуизбург. Стојановски, кој влезе во натпреварот како замена на Пандев, игра за францускиот клуб  „Шамбли“. Не ја криеше среќата по победата, особено што Германија е четирикратен светски шампион. Ни призна и дека сите се разочарале кога не беше досуден чист пенал, но дека тоа бил мотив плус на играчите да издржат до крај.

„Ова беше наш прв натпревар со Германија, па сите бевме мотивирани и со нетрпение го чекавме стартот. Се боревме сите, од прв до последен, и на крај наградата дојде. Имаше мала нервоза во екипата по недосудениот пенал, но тоа не можевме никако да го смениме. Останавме сплотени да се бориме за тоа во што верувавме“, ни кажа Влатко и додаде дека атмосферата во репрезентацијата е одлична веќе подолго време. „Нè краси една огромна хемија што постои помеѓу сите нас“, вели тој.

Влатко беше воодушевен и од македонските навивачи, кои со знамиња и песна ги пречекаа фудбалерите пред стадионот по натпреварот.

„Ова се доживува ретко во животот. Овие снимки и атмосферата што ја направија овие педесетина луѓе треба да ја види секој“, кажа Стојановски за „Репортер“.

Среќата не ја криеше ни Бобан Николов, кој од неодамна игра за италијанскиот клуб „Лече“.

„Му покажавме на цел свет дека фудбалот е игра во која не победуваат само Германците“ рече Николов за „Репортер“ и уште еднаш нè потсети дека Германија нема загубно во квалификациите за Светското првенство од 2001 година.

Андријана Јовановска

Scroll to Top