По победата над Германија во Дисбург, селекторот Игор Ангеловски – Мрме раскажа дека цело време бил под дополнителен притисок во мартовскиот собир затоа што неговата сопруга Тања била во болница поради коронавирус.
„Што да ви кажам. Не можам ништо посебно, од емоција, од среќа. Знам дека ги направивме сите во Македонија среќни. Дојдов со овие момци тука затоа што ми ветија дека ќе победат,“ рече Ангеловски. И додаде: Мојата сопруга лежеше во болница поради Ковид-19. За среќа, сега е подобро. Децата ми даваат поддршка, им благодарам на сите. Што да кажам повеќе, единствено да заплачам“, рече тој.
Вчера, пак, на социјалните мрежи се огласи и Тања Ангеловска, сопругата на Игор Ангеловски, која на својот фејсбук-профил напиша:
„Сакам да ви честитам за победата над четирикратниот светски првак Германија. Две децении без пораз, а таа серија токму Македонија да ја прекине е за респект. Некои од играчите овие пет години пораснаа во очите на Игор Ангеловски, па од голобради момчиња, станаа мажи, татковци, кои првпат се горди и храбри, свесни за уникатноста на своите карактери. Сите овие момци се предводени од капитенот Горан Пандев, маркантна фигура, далеку пред своето време.
Никогаш нема да ги заборавам овие квалификации и периодот низ кој поминував заедно со моето семејство. Неканет гостин, кој ви го зема здивот. Сѐ уште ми одѕвонуваат зборовите на мојот сопруг, вечерта, кога во полусвесна состојба, ги добив резултатите од снимката на белите дробови и крвните анализи. „Каде си тргнала, малечка, јас сѐ уште не сум завршил со тебе? Ти благодарам за секој миг поминат заедно со тебе и нашите деца, разбирање и поддршка, без оглед на сѐ. Благодарам за тоа што ја сакаш мајката на твоите деца“, рече Ангеловска, која сѐ уште закрепнува од Ковид-19.