Легендарниот италијански голман, Џанлуиџи Буфон, отвори своја aкадемија за голмани. Буфон, кој на 43 години и понатаму брани за „Јувентус“ преку академијата сака да им помогне на девојките и момчињата што сакаат да станат голмани. Откако ќе оди во пензија, тој целосно ќе им се посвети на идните голмани.
„Фудбалската академија Буфон прима деца во машка и женска конкуренција од осум до 16 години, кои преку високоспецијализирани голмански тренинзи ќе се усовршуваат и ќе ги подобруваат своите вештини. Академијата е создадена за децата кои сонуваат за иднината во светот на фудбалот за да може да ги подобрат своите вештини. Секогаш сум верувал во важноста на тренингот, а посебно во овие комплицирани времиња за сите нас. Учеството е комплетен пакет со персонализирана програма за тренинг создаден за секој голман посебно. Се надевам дека веќе во јуни ќе имаме и летен камп Буфон, но неговиот почеток ќе зависи и од ситуацијата со ковидот“, вели легендарниот голман.
Џиџи Буфон својата кариера ја мина во Италија, со исклучок на една година во ПСЖ. Прво бранеше во Парма, а потоа во Јувентус, со кој има десет скудета, пет купови, седум суперкупови. Со Парма има еден Куп на УЕФА, а со ПСЖ има една титула француски првак. За репрезентацијата на Италија бранеше на има 176 натпревари и ја освои светска титула во 2006 година на СП во Германија.