На 27 јуни 1989 година италијанскиот патнички авион McDonell Douglas DC-9, кој патувал од Болоња кон Палермо, завршил експлодирајќи во воздух. Во експлозијата загинале сите членови на екипажот и патници. Вкупно биле 81.
Оваа несреќа ја покрена можеби најдолгата и најмистериозна истрага во италијанската историја. Авионот полетал од аеродромот во Болоња, со неколку часа задоцнување. Последно нешто за што известиле пилотот и копилотот, до контролата на лет, било дека сè тече во најдобар ред.
Првите чудни знаци се забележани по повикот од кулата во Палермо, од каде ги прашале дали се подготвени за слетување. Но, никој не се јавил од авионот. Тогаш тој исчезнува од радарите.
Во истиот момент се алармирани италијанските воздухопловни сили. Сите се посомневале дека авионот можеби се срушил и сè започнува со пребарување на подрачјето каде што се претпоставувало дека леталото паднало.
Два италијански дежурни ловци, F-104, почнале со пребарување на местото каде што последен пат бил забележан авионот, но по извесно време се вратиле во базата, затоа што времето се влошувало. Потоа бил испратен хеликоптер, но исто така акцијата била безуспешна.
За време на спасувачката акција, се претпоставувало дека авионот можеби паднал во Тиренското Море, недалеку од островот Устика околу 130 километри, југозападно од Наполи, односно околу 140 километри северно од Палермо.
Во 21:55 официјално е прогласен падот на авионот. Авионите и хеликоптери го пребарувале подрачјето каде што се сметало дека завршил авионот. Биле користени силни рефлектори, по што била забележана голема црна дамка, на неколку десетина милји северно од островот Устика.
Таму биле откриени првите делови од авионот и тела во водата. Надлежните сметале дека авионот паднал во тоа подрачје на Тиренското Море, каде што длабочината достигнува и до 3.000 метри. За време на истрагата, покрај деловите од авионот и телата, биле најдени и траги од воен експлозив ТНТ, кој често се употребува за правање бомби, но и во ракетите воздух-воздух.
Било заклучено дека техничкиот дефект можеби не е единствената причина за падот на авионот и дека можеби тој бил соборен во воздух. Ваквата теорија била поткрепена и со вестите за губењето на воен авион на Либија MIG-23, по што била предложена заедничка истрага.
Официјалниот извештај на заедничката воена комисија покажал дека губењето на либискиот авион не било поврзано со падот на италијанскиот патнички авион. Во него било наведено дека либискиот воен авион паднал по претрпен срцев удар на воениот пилот.
Но, ваквиот заклучок бил оспорен од паталог, од двете комисии, кои го прегледале неговото тело. Во следните пет години, по заклучоците на воената истрага, се води дополнителна истрага по прашањето дали воениот либиски авион имал доволно гориво за да долета до местото на падот на патничкиот авион.
До конечна одлука се доаѓа дури во 1994 година, кога заедничката либиско-италијанска воена комисија заклучува дека теоретски не е возможно либискиот воен авион да биде одговорен за падот на италијанскиот патнички авион.
Сите сомнежи околу направените истраги се напишани во книгата на новинарот Скотони. Во неговата книга, која излегла во 1990 година, тој изразил сомнеж дека за време на аутопсијата се прегледувало телото на вистинскиот воен либиски пилот.
Скотони сметал дека било користено друго тело, земено од фрижидер. Тој објаснува дека за време на првиот преглед трупот бил свеж, додека за време на вториот преглед, докторите пред себе имале тело во распаѓање.
За сите овие мистериозни настани бил снимен и филм, кој бил емитуван на „РАИ“, во кој се прикажани сите нелогичности со споменатиот труп. Постојат голем број теории на заговор и за тоа што навистина се случило и потоа откако се случила авионската несреќа.
Така на пример, бродот што ја вршел потрагата по остатоците на авионот на дното на Тиренското Море бил француски, но само американски официјални лица имале пристап до пронајдените делови на авионот.
Неколку извештаи на дежурните радарски станици биле избришани, а неколку италијански генерали биле обвинети 20 години подоцна за сметање на правдата. Роднините и пријателите на жртвите кои барале комплетна истрага тешко доаѓале до информации за несреќата.
Како што велат тие, истрагата се вртела само во круг. Последното откритие до кое се доаѓа во 1992 година, а кое раѓа сомнеж дека на тој простор, во тоа време, се одвивала воздушна битка, бил резервоарот за гориво, кој можеле да го користат само американските ловци F-4 Fantom II, F-15 Igl или А-7.
По ова откритие, САД и Франција одговориле на барањата на истражителите, за податоците на ваквиот резервоар на кој биле сочувани сериските броеви.
САД одговориле дека во нивните архиви нема податоци за тој резервоар, додека Франција изјавила дека нејзините ловци повеќе не го користеле истиот и ги дала сите податоци кои ги имала за него.
Италијанците незадоволни од одговорите, преку парламентарната комисија за тероризам во 1989 година службено ги објавиле заклучоците од својата истрага за падот на патничкиот авион. Најважниот дел го прочитал претседателот на комисијата Џовани Пелегрино.
„Инцидентот со патничкиот авион настанал за време на пресретнување на воена акција. DC-9 бил соборен, а животите на 81 патници и членови на екипажот, биле уништени во акција која може да се опише како воена, во реално, непрогласена војна“, пишувало во извештајот.
Ваквиот извештај подигнал голема прашина во јавноста. Биле преслушани и снимките од разговорот во авионската кабина. Целата работа завршува со разговор меѓу пилотите.
„Погледни што е она таму?“, му вели едниот пилот на другиот, по што се губи секаква трага.
Црната кутија не завршила премногу работа, затоа што во тој момент престанала да работи. Се претпоставило дека тогаш снемало електрична енергија во авионот.
Дека некој сакал да ја скрие целата работа, зборува и фактот дека на самиот почеток на истрагата судските органи добиле копија од снимката од црната кутија, но не ги добиле податоците за висината и неговата состојба.
Откако ги побарале, добиле одговор дека оргиналната кутија била изгубена од страна на италијанските военоизвестувачки служби. Потоа се доаѓа до откритие дека податоците што ги забележале радарите кои ги следеле авионите биле заменети од непознати лица.
Откриено е дека страниците за летовите биле искинати и заменети со други. Лажирањето било направено мошне професионално. Во случај со радарот кај местото Ликол, во близина на Наполи, не ни дошло до лажирање на податоците, туку тие едноставно биле уништени.
За целиот тој период се случувале низа сомнителни несреќи и самоубиства на голем број сведоци во истрагата. Со исклучок на генералот Савери Ране, кој наводно го известил министерот за транспорт дека авионот бил соборен со ракета, а кој подоцна умира од малигна болест, сите други сведоци загинале под чудни околности.
Постојат 12 такви сомнителни смртни случаи кои наводно извршиле самоубиство. Еден од нив бил Деори, кој наводно боледувал од пароноја, а пред самоубиството тврдел дека сите ќе завршеле во затвор. Друго лице кое извршило самоубиство бил Париси, кој се убил во 1995 година.
Тој се самоубил само неколку дена пред да ја добие поканата да дојде на суд, затоа што било откриен дека неговиот прв исказ бил лажен. Исто така никогаш не било целосно разрешено убиството на италијанскиот генерал Роберт Боеми.
Последната полема и најнова истрага по прашањето на падот на патничкиот авион ја покренал Франческо Косига, тогашниот италијански премиер, а подоцна и претседател, кој изјавил дека авионот бил соборен од страна на француски ловци, кои во тоа време полетале од француски носач на авиони во тие простори.
Неговата изјава во 2010 година ја потврдил тогашниот претседател на Италија, Џорџио Наполитано, тврдејќи дека француски ловец испалил ракета на либискиот MIG-21, a по грешка го погодил патничкиот авион DC-9.
Се споменува вмешаност и на американски државни органи во оваа афера, која открила нови можности за нејзин расплет. Не само ЦИА, туку и голем број други државни институции биле поврзани за овој инцидент.
Откриена е приказната за конспиративно присуство на американски бродови на местото каде што биле најдени остатоците на авионот. Дујен Дјуи Клариџ, кој имал некои свои теории во врска со настаните со падот на авионот и купопродажбата на оружје, бил експресно рехабилитиран од страна на поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот.
Клариџ на почетокот успеал да ја омаловажи државната истрага и да ги намести работите во интерес на војската на НАТО. Но, на повторното судење, сè што претходно кажал, сè негирал.
По низата бомбашки напади кои ја погодија Италија во 1970 година, терористичкиот акт исто така бил логично објаснување, кое било предложено од војската. Се сметало дека ако летот не би бил одложен во Болоња за неколку часа, бомбата сигурно би била активирана таму каде што требало, односно на аеродромот во Палермо.
Вонредната Техничка комисија тврдела дека експлозијата настанала во задниот тоалет и дека тоа било пресудно за падот на авионот, а не некаква ракета. Според неа, ова бил единствениот логичен заклучок, откако ги прегледале остатоците.
Заедничката истрагата направена во 1994 година, од страна на британски и италијански истражители, ја поткрепиле ваквата теорија. Според доказите кои ги пронашле, тие констатирале дека бомба навистина експлодирала за време на летот во задниот дел од тоалетот.
Голем дел од трупот околу тоалетот никогаш не бил реконструиран, па веројатно поради тоа настанала и експлозија. Бил направен експеримент со посебен авион, каде е направена експлозија во тоалетот. Експериментот само ги потврдил ваквите теории.
Но, италијанскиот Висок суд го отфрлил овој нивен извештај, сметајќи го како сламка за спас на нивната сопствена воена истрага, а извештајот никогаш не бил сметан за објективен.
Интересно е дека војската ангажирала и познат експерт од областа на воздухопловството, прочуениот конструктор на авиони Еман Басочи. Тој требало да помогне во расветлување на случајот. Но,државната комисија го отфрлила неговиот заклучок.
Голем број од италијанските медиуми низ годините тврделе дека цивилниот авион бил соборен за време на воена борба меѓу НАТО-авиони и либискиот MiG-23. Имало теории дека француски и италијански ловечки авиони се обиделе да извршат атентат на важни либиски политичари.
Се споменува и името на самиот лидер Моамер Гадафи, кој летал на тој простор, во тоа време. Ваквата верзија била поддржана од страна на истражниот сурија Росарио Приоре во 1999 година. Во својот извештај, тој заклучил дека неговата истрага намерно била попречувана од страна на италијанската војска и припадниците на тајните служби, по барање на НАТО.
Според италијанските медиуми, документи од архивата на либиската тајна служба, кои завршиле во рацете на луѓе од Human Rights Watch, по падот на Триполи, покажуваат дека патничкиот авион и либискиот MiG биле нападнати од два француски авиона.