Riot е првата заедничка песна на македонските диџеи и продуценти Деловски и Томи Тасев. Песната, која е во издание на продуцентската куќа Smthngelse од Германија, веќе е промовирана на Spotify, iTunes и сите поголеми стриминг-платформи во светот.
„Идејата за Riot се роди лани во ноември. Најдов предобар машки вокал, кој веќе го испеа текстот и решив да направам песна базирана на вокалот. Набргу ја имав првата демо-верзија на песната. Бидејќи сакав да направам мали измени во текстот, му се јавив на вокалистот, а тој ми одговори дека има потпишано ексклузивен договор со продуцентската куќа што ги издава неговите вокали и дека не смее да прави измени на испеаното“, вели Деловски.
Тој потоа демото му го испратил на Тасев и заедно решиле да најдат македонски пејач кој би ја испеал песната онака како што тие ја замислиле.
„Стапивме во контакт со неколку музичари, сите беа добри, некои и над нашите очекувања, но на крајот решивме да ја издадеме Riot со првичниот вокал. Со Томи ја завршивме песната пред неколку недели и сега, конечно, ја промовираме преку германската продуцентска куќа со која имаме потпишано договор“, додава Деловски.
Деловски е музички продуцент и диџеј од Скопје, кој е дел од електро-сцената од 2011 година. Тој е еден од најреномираните mashups/edits DJ-и на Балканот. Ова реноме го стекна преку познатата диџеј-страница demodrop.com, каде што го следат над 13.000 диџеи од светот и ги пуштаат неговите едити на своите настапи. Некои од нив се пуштани на најголемите фестивали во светот, како што се Tomorrowland и Ultra MusicFestival, па и на светски радиостаници, меѓу кои BBCRadio 1 London и Hakkasan Las Vegas Radio. Деловски настапува во многу клубови и локали во земјата. Освен што настапува како диџеј, тој во иднина најавува соработка со познатата македонска етногрупа „Синтезис“ и со еден од најдобрите македонски бендови „Нокаут“.
Томи Тасев е македонски диџеј, продуцент и музичар, со седиште во Сент Гален, Швајцарија. Неговата музичка приказната почна во 2006 година кога почнал да пее и да свири пијано во училишниот бенд. Во 2013 година почнува да се занимава со музичка продукција за една година подоцна да работи и како диџеј. Во 2018 година Тасев ја издава својата прва песна Broken, со што почнува да се менува и неговата музичка кариера. Шест месеци подоцна следува One Look OneSmile, а во 2019 година настапи на еден од најголемите летни настани во Македонија – „Струмица опен фестивал“. Тој неодамна доби признание од „Спотифај“ како артист со еден милион преслушувања на оваа музичка платформа.